Недисциплина во нападот, пораз од пет гола против Словенија

Првиот од двата натпревари кои репрезентативците на Македонија ќе ги одиграат во Словенија денеска заврши негативно откако против селекцијата на домаќинот беше претрпен пораз од 28:33. Македонија имаше добри 15 минути на почетокот на средбата, но потоа работите не одеа најдобро. Имаше проблеми во ритамот на играта, но и премногу недисциплина во нападот така што не можеше да се бара нешто повеќе.

Почетните 15 минути минаа во израмнета игра. И на двете страни доаѓаа голови наизменично, а Македонија беше во водство само при 3:2 во 5. минута. Потоа резултатот беше под контрола на селекцијата на Словенија, која постојано беше во предност од еден погодок. Првпат два гола позитива беа обезбедени во 16. минута при 8:6, а потоа следуваше константно зголемување на предноста за на одмор да се замине со резултат 12:19.

Во второто полувреме немаше ништо ново. Резултатски беше поизрамнето отколку во првото полувреме, но во однос на играта беше сосема поинаку. Главно недисциплината во нападот беше таа која го кроеше резултатот. Тука имаше проблеми бидејќи имаше премногу лошо одиграни акции. Имаше обиди да се пригрува со играчи кои беа добро покриени, па играњето напамет придонесе во финишот резултатот да биде одново со висока негатива.

Од она што беше видено нападот не оди најдобро кога Лазаров не е на терен, а другите ќе мораат да бидат далеку поконцентрирани бидејќи со ваква игра на Европското првенство нема да има многу шанси. Инаку второто полувреме беше постојано во негатива од шест до осум гола така што потег до два решаваа дали ќе биде помалку или повеќе од оваа разлика. На крајот беше 28:33, па впечатокот ќе мора да се поправа в недела против селекцијата на Црна Гора.

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА    33:28 (19:12)

Сала: Спортска во Словењ Градец. Гледачи: 1000. Судии: Сок и Лах од Словенија.

СЛОВЕНИЈА: Лесјак (4 одб.), Кастелиќ (2 одб.), Благотиншек 3, Хенигман 4, Маргуч 4, Кавтичник 1, Цингесар 5, Цехте 2, Кодрин 1, Шоштариќ 2, Хоржен 2, Жабиќ 2, Овничек 2, Бомбач 1, Мацковшек 4, Млакар.

МАКЕДОНИЈА: Ристовски (8 одб.), Томовски (2 одб.), Митревски, Манасков 8, Велковски 1, Стоилов 4, Лазаров, Талески 4, В. Маркоски, Н. Маркоски, Кузмановски 3, Костески, Танкоски 2, Георгиевски, Крстевски, Поповски, Пешевски 2, Маџовски 2, Серафимов 2, Мишевски.