Неготинци со трофеј на меморијалниот турнир „Илија Ѓорѓиев Манџата“ – Ацев е нај голман, Орешков е МВП

Денеска во Неготино се одржа четвртото издание на меморијалниот турнир „Илија Ѓорѓиев Манџата“ со учество на четири екипи од Македонија. Трофејот го освоија домаќините, Вардар Неготино откако во финалето го совладаа прволигашот Шампион со 25-19, а на полувремето имаа предност од 15-8.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Орешов и Митевски со по пет гола, додека кај Шампион се истакна Петровски со исто толку. Во мечот за третото место прволигашот Бисинов беше подобар од кадетскиот тим на Тиквеш со 22-16.

Во полуфиналните средби претходно Шампион го совлада кадетскиот тим на Тиквеш со 24-16, додека Вардар Неготино беше поуспешен од Бисинов со 21-19.

За најдобар голман на турнирот беше прогласен Даниел Ацев од Вардар Неготино, додека МВП односно најкорисен играч беше Ѓорѓи Орешков од домашниот тим. Сите екипи добија признанија и пехари од градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов и претседателот на Вардар Неготино, Ристо Трајковски.

Во склоп на турнирот се одигра натпревар меѓу репрезентацијата на Македонија ветерани и ветерани на повардарие.