Невидена драма: Ѓорче се спасуваше од пораз, Куманово во последната секунда грабна бод (ВИДЕО)

Ракометарките на Куманово иако имаа и плус пет во текот на мечот против шампионот Ѓорче Петров, сепак на крајот освоија само еден бод, 28-28. Куманово водеше со 27-25 во последните три минути, Ѓорче направи комплетен пресврт на десетина секунди до крајот и поведе со 28-27, но не издржа и прими гол во последната секунда, 28-28.

На стартот на првиот дел се играше гол за гол. Домаќинките поведуваа, а гостинките израмнуваа. По 8-8, Ѓорче Петров влезе во серија грешки, Грујовска и Јовановска одбранија два пенали и веќе беше 12-8 за Куманово.

Симовски се обиде со тајм-аут да ги смири неговите ракометарки, но Алмеида и Величковска донесоа највисоки плус пет за домашните, 15-10. За да не биде се така црно во првиот дел се погрижи Ризоска од пенал, која погоди за 15-11 на паузата.

На стартот на второто полувреме реализираа Дукоска и Николовска за 15-13 и најавија возбудувања и неизвесен меч. Сепак домаќинките стигнаа одново до плус четири 19-15, но како одминуваше времето нивниот ритам паѓаше.

Ѓорче Петров израмни на 19-19 преку Јанкуловска, а имаше и шанса за водство, но Грујовска одбрани. На спротивната страна и Кицеска им фати удар на Куманово, па во последните десетина минути се влезе со реми, 20-20.

Првото водство на шампионот го донесе Дамјановска, но домашните набрзина израмнија. Се играше гол за гол, а кумановската публика виде и цепелин во режија на Цветановска и Ивановска за водство со 24-23.

Симовски побара тајм-аут, а беше 25-25 на пет минути до крај. Неговите избранички погрешија на два пати. Најпрво Јовановска им одбрани еден удар, потоа и Граматова пресече топка, па Куманово се одлепи на плус два, 27-25.

Следуваа два избрзани напади на избраничките на Славиша Димитријески, кои беа казнети со два погодени пенали и беше 27-27. На триесетина секунди до крај, домашниот стратег повика тајм-аут.

Очигледно дека Куманово прерано почна да слави триумф, па и во следниот напад загубија топка, а тоа го казни Николовска со гол за 28-27 за Ѓорче Петров. Сепак останаа уште неколку секунди, топката дојде до Ивановска која беше прецизна за 28-28 и огромен бод, но на крајот на мечот и двете екипи жалеа што не дојдоа до триумф.

Бразилката Алмеида даде 11 гола за Куманово, а по пет гола постигнаа Величковска и Граматова. Кај шампионот Ѓорче Петров се истакнаа Дукоска и Јанкуловска со по шест погодоци. Ѓорче Петров сега има 25 бода на првото место, Чаир е втор со 21 бод, а Куманово останува трет со 16.