На десет дена до ЕП – Црна Гора го отпушти селекторот Јохансон!

Ракометниот Сојуз на Црна Гора реши да го отпушти селекторот на женската сениорска репрезентација Пер Јохансон на десет дена пред Европското првенство.

Иако беше најавено дека тој ќе биде сменет дури по континенталниот шампионат, сепак Црногорците решија да му дадат шанса на новиот предводник преку ЕП да се запознае со репрезентативките и нивниот квалитет и тоа да биде подготовка за главниот настан догодина, квалификациите за ОИ.

Меѓу наследниците на Јохансон се споменуваа Бојана Поповиќ, Перо Милошевиќ, Ким Расмусен, а РСЦГ веројатно за ден-два ќе го соопшти името на новиот предводник.

Јохансон ја водеше Црна Гора три години и со него Црна Гора играше на две Светски првенства и едно ЕП. Тој продолжува да биде активен само на клупски план, како тренер на рускиот првак Ростов Дон.