Нант вторпат убедлив против Алборг

Ракометарите на Нант во натпревар од 8. коло од Лигата на шампионите остварија втор сигурен триумф против Алборг, со резултат 35:28. Нант со новите освоени бода се зацврсти на 3. позиција во групата Б. Ракометарите на Нант сега на свое конто имаат 12 бода, два бода помалку од второпласираниот Келце и дури пет бода повеќе од четвртопласираниот Алборг.

Францускиот тим во најголемиот дел од првите 30 минути одигра на квалитетно ниво покажувајќи одлична игра. Нант имаше фуриозен старт и набрзина дојде до водство од 5:1. Алборг никако не можеше да фати приклучок и грешките во нападот и непрецизните удари беа главна причина за негативата, која на моменти изнесуваше осум гола разлика. Домаќинот имаше поголем фокус и дисциплина во нападите, го имаше и расположениот голман Виктор Халгримсон, додека во нападот сие бекови одиграа речиси без грешка.

Како одминуваше времето Нант ја зголемуваше предноста и сигурно чекореше кон нов триумф. Веќе кон средината на првото полувреме беше 12:4 за составот на Нант, кој во тој период ја казнуваше секоја грешка на данскиот вицепрвак. Алборг одвреме – навреме доаѓаше до погодок, а главната ѕвезда Микел Хансен беше целосно изгубен во нападот.

Избраниците на Стефан Мадс заиграа поангажирано во финишот од првото полувреме, но не успеаја да ја преполоват негативата. Нант не дозволуваше ни најмал напредок во играта на гостите, градеше сигурна предност и лесно стигнуваше до погодок. На полувреме резултатот гласеше 18:12 во корист за домаќините.

Домашниот тим на почетокот на продолжението со голот на Тото зголеми на 20:13 и тука веќе беше јасно дека Алборг ќе има тешка задача. Домаќинот рутински го контролираше резултатот, се опушти во последниот дел од натпреварот, но гостите не успеаја целосно да се доближат.

Алборг имаше краток залет, со мини серија се доближи на 26:22 во 50 минута и во последните десет минути заостануваше на негатива од три до четири гола разлика. Одличната одбрана на домаќините, која беше надополнета со одличната партија на Виктор Халгримсон, беше на ниво во финишот, па така домаќините немаа поголеми проблеми да стигнат до шести триумф во најквалитетното европско натпреварување.

Најефикасен во победничкиот табор беше репрезентативецот на Португалија, Александре Калваканти со шест погодоци, додека екс ракометарот на Вардар, Жереми Тото имаше пет реализации. Во поразениот табор, листата на стрелци беше предводена од Себастијан Бартхолд и Мадс Хоксер, кои имаа по пет погодоци.