Мојсовски: Спортистите ќе добијат право на спортска пензија, ќе биде исправена децениската неправда

Поранешниот македонски репрезентативец, а сега директор на Агенцијата за Млади и Спорт – Наумче Мојсовски, денеска одржа прес-конференција, на која беше обеледеното дека e започнат процесот за законско решение, со кое поранешните и сегашните спортисти ќе добијат право на пензиски стаж, осигурување, а потоа и пензија.

Освен тоа во следниот период би требало да има и субвенции за придонесите на актуелните спортисти, кои во иднина ќе може да уживаат во своите спортски пензии.

„Имам можност да го најавам исправувањето на една децениска неправда кон спортистите и спортистките во нашата држава. Со нивниот придонес, влог, со нивната пожртвуваност, многу од нив и како наши најголеми амбасадори, репрезентативци нѐ задолжиле сите нас и ја задолжиле Македонија која гордо ја претставувале во Европа и светот. За спортистите и спортските работници, кои се занимаваат и се занимавале со професионален спорт, екипен или индивидуален, од независноста, па се до денеска, немаше конкретно системско решение, со коешто се регулира законски статусот за нивниот професионален ангажман, во делот што се однесува на здравствено, социјално, пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека вложениот труд, потрошеното време и учинокот на секој спортист, по заминувањето во спортска пензија, па до исполнување на старосната возраст за исполнување на правото за пензија, до денеска, не добиле вредност, како секој друг работник кој работи во различни дејности“, изјави Мојсовски.

Некогашниот репрезентативец откри дека ќе биде исправена неправдата кон спортистите, кои по завршувањето на кариерата останале без работен стаж, без здравствено осигурување, без алтернативна професија…

„Во заедничка координација со сите тела, формиравме работна група за изнаоѓање на најдобрите модели со коишто преку законска измена ќе се стигне до трајно и системско решение, односно времето коешто спортистите го поминале професионално ангажирани од спортски клуб да им биде додадено, поточно, тоа време, тие години, да им бидат впишани во пензискиот стаж, во моментот кога ќе ги исполнат законските критериуми и старосната граница за заминување во пензија. Kако ракометар со повеќе од 20 години успешна ракометна и репрезентативна кариера, немам ниту еден ден стаж, а истата судбина ја делат многу  спортски легенди. И, тоа се тажни неправди, но и навреда за се што тој спортист дал за својата држава. По завршувањето на спортската кариера, овие големи луѓе, се оставени на маргините на општеството, без работен стаж, без здравствено осигурување, но и најчесто и без алтернативна професија и образование, работи кои ги испуштиле градејќи спортска кариера на највисоко ниво, посветени на достоинствено претставување и промоција на нашата држава ширум светот. И, не, овие спортисти и спортистки никако не смеат да бидат заборавени од општеството“, кажа Мојсовски.