Многу исклучувања, многу седмерци и победа за Деспина во пелагонискиот двобој

Екипата на Деспина ја оствари третата победа во Супер женската лига откако на свој терен го надигра составот на Феникс со 34:29 во рамките од Групата А. Ова воедно беше и победа за проверка пред дуелите со Скара во Европскиот Куп.

Ракометарките на Феникс имаа одличен старт, поведоа со 3:0, но домашниот состав на Деспина постигна три гола во низа израмнувајќи го резултатот на 3:3. Елена Рипилоска со својот прв гол го донесе првото водство за екипата на Деспина, 4:3, во 10. минута.

Иако, Деспина во поголемиот дел од првото полувреме имаше константно водство, сепак, Феникс преку Ризоска го израмни резултатот на 13:13 и најави голема борба против својот противник. Хендикеп за гостинската екипа од Битола беше црвениот картон за Корлевска поради три исклучувања. Со целосен пресврт во последните десет минути од првиот дел, Феникс успеа на полувреме да замине со предност од 15:14.

Во првите минути од второто полувреме се играше гол за гол. Прилепчанки преку Богојеска повторно го свртија резултатот во своја корист, 19:18, откако претходно беше 18:18. Деспина во последните дваесетина минути постепено се одлепуваше и создаваше солидно водство. Дополнителен проблем за Феникс беше и вториот црвен картон откако Сара Рујановска на десет минути пред крајот на натпреварот мораше да се пресели на трибини поради три исклучувања од по две минути.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Феникс, репрезентативката Емилијана Ризоска, која постигна 11 гола. Во Деспина се истакнаа Сара Богојеска со десет и Ангела Камческа со девет гола.