Младост со пресврт до триумф кај Јехона

Ракометарите на Младост сезоната во Првата лига ја започнаа со гостински триумф кај екипата на Јехона во Гостивар иако после првиот дел имаа негатива. На крајот Младост триумфираше со 34:31.

Домашниот тим имаше добро издание во првиот дел и го контролираше резултатот. Најрасположен за игра беше Алиу кој го водеше тимот на Јехона, а во првиот дел постигна десет гола така што домашниот тим имаше предност од 19:13.

Вториот дел донесе многу поквалитетна игра на Младост и гостите веднаш почнаа да ја намалуваат негативата. Со серија од 5:0 гостите израмнија и се влезе во игра гол за гол. Така се играше се до завршните минути каде што Младост подобро се снајде и оствари конечен триумф.

Најефикасен во составот на Младост беше Мите Караиванов со 11 погодоци, а Никола Роглев реализираше седумпати. Во екипата на Јехона убедливо најефикасен на теренот беше Адис Салиу со 16 гола, но и тоа не беше доволно домашниот тим да избегне пораз.љ