Мијалов за 24 Ракомет: Опстанокот го имаме, но теоретски уште сме со шанси и за плеј-оф

Комплетирањето на 14 кола од Супер машката лига донесе и финиш на првиот дел од сезоната, па до крајот на регуларниот дел останаа уште четири кола во кои ќе има битка за четири места кои водат во плеј-офот. Тимот на Радовиш е најблизу до првата четворка, па напролет ќе се чека грешка на некој од конкурентите.

„Во овој дел од сезоната одработивме според планот кој го имавме зацртано пред почетокот на сезоната. Нашата цел беше да обезбедиме опстанок и во моментов сме на добра позиција. Теоретски имаме шанси и да дојдеме до место во плеј-офот и ќе се обидеме колку што можеме напролет во последните четири кола. Доколку ни се укаже шанса ќе се обидеме да ја искористиме“, вели тренерот на радовишани, Љупчо Мијалов.

Ракометарите ќе имаат пауза и нема да работат околу еден месец.

„Салите се ладни и не можеме да продолжиме да работиме постојано. Ракометарите ќе добијат пауза од околу еден месец и некаде на средина од јануари ќе продолжиме со тренинзи односно ќе почнеме со подготовки за вториот дел од сезоната“.

Што се однесува до засилување на тимот, најверојатно нема да има промени, барем од она што тренерот на клубот го најавува за вториот дел од сезоната.

„И во пролетниот дел ќе одиме со истиот играчки кадар. Нема да има многу измени, а во однос на нови ракометари мислам дека тоа може да биде само некој помлад и перспективен ракометар кој би можел да напредува со игрите во првиот тим“, рече Мијалов за 24 Ракомет.

Радовиш е на 5. место и во моментов е со најдобра позиција од екипите кои би требале да се борат за опстанок во Супер машката лига.