„Вардар бараше да чекам, а јас имав понуди што не се пропуштаа“

Францускиот интернационалец Жереми Тото по само една сезона ќе си замине од македонскиот шампион Вардар.

Тој одигра одлично на стартот на сезоната и веднаш го привлече вниманието на други клубови. Тото открива дека сепак предност му дал на „црвено-црниот“ клуб.

„Вистина е дека сакав да останав во Вардар две сезони, а потоа го направивме договорот ‘година плус година’. По само три-четири месеци во Вардар, зборував со менаџерот, кој ми кажа дека имам многу сериозни понуди – Нант, ПСЖ и други француски клубови, потоа од Германија, но сакав прво да видам што ќе понуди Вардар. Неколкупати се обидов да се видам со претседателот Михајло Михајловски, имавме и состанок на кој му кажав како стојат работите и дека сакам да му дадам прво шанса на Вардар, односно да видам што има тој да ми понуди или предложи. Неговиот став беше дека е уште рано, да почекам до декември, но имав и многу добри опции кои не сакав да ги пропуштам. Со оглед на тоа дека од Вардар не добив конкретна понуда, донесов одлука и потпишав за Нант“, објаснува францускиот интернационалец и додава: „Не станува збор за парите, затоа што кога ќе се одземат даноците во Нант ќе ја земам скоро истата плата како во Вардар. Станува збор за мојата иднина. Приватно – сакам да основам фамилија, да имам деца, а во Нант ми е враќање дома. Нант е еден од најдобрите клубови во Франција и верувам дека таму ќе можам да напредувам исто така. Во моментов се втори во француското првенство и верувам дека ќе играме ЛШ следната сезона.“

Сепак Тото вели дека е комплетно фокусиран на настапите за Вардар.

„Без разлика на сè, јас сум играч на Вардар до крајот на сезоната и комплетно сум фокусиран на тоа да одиграм најдобро што можам и да му помогнам на тимот да ги постигнеме поставените цели, па ако можеме и повеќе од тоа.“

Целото интервју може да го прочитате во продолжение…

ИНТЕРВЈУ ЖЕРЕМИ ТОТО: Со Дејвис сонуваме за Ф4, не тера да веруваме дека нема лимит!