Митревски: Не само што ја победивме, туку ја надигравме Данска во секој поглед

Голманот Никола Митревски одличната форма која ја демонстрира во дресот на Порто во Лигата на шампионите ја пренесе и во репрезентацијата на Македонија и имаше свој блесок на теренот против Данска.

Со 13 интервенции од кои некои беа особено атрактивни тој беше меѓу најдобрите на теренот и покажа дека е во неверојатна форма. Им ги откажа крилата на противникот, но и најголемиот дел од ракометарите така што ќе има што да се анализира во Данска до недела.

За вчерашната победа вели дека верувале и дека затоа и работеле сите овие денови.

„Поради ова се подготвувавме , поради ова се собравме неколку дена порано за да се обидеме да ја изненадиме селекцијата на Данска. Сите знаат дека Данска е светски и олимписки шамшпион и во последните 10-20 години една од неприкосновените велесили која освојува светски и европски титули. Знаевме дека ќе биде многу тешко. Бевме мотивирани и одигравме еден фантастичен натпревар. Од прв до последен сите имаат своја заслуга, но имаа и своја задача, обврска која требаше да ја исполниме, дали индивидуално или по позиции сите одговорија на задачите кои ги добивме од стручниот штаб, кој според мене скоро перфектно ја заврши својата работа. Го изанализиравме противникот и бевме подготвени на речиси секој нивни потег да одговориме со наша одбрана или напад“, изјави голманот Митревски.

На реваншот нема да биде воопшто лесно бидејќи Данците ќе имаат сигурно многу поинаков пристап и сега ќе знаат што ги очекува.

„Она што го одигравме на првиот натпревар ќе се обидеме да го повториме. Најважно е да ја задржиме агресивноста. Ако успееме, тогаш и таму имаме свои шанси за да покажеме дека оваа победа не беше случајна. Далеку од тоа дека беше случајна бидејќи сè што правевме го правевме со одредена цел и знаевме зошто. Ништо не беше залутано, ниту една реакција ниту еден потег. После победа над еден светски првак сите се чувствуваме убаво и не летаме во облаци бидејќи знаеме дека имаме натпревар за два дена таму и сигурно ќе сакаат да надоместат и да нè совладаат со поголема разлика. Вчера не само што ги добивме туку ги надигравме во секој поглед на играта“.

Вчера освен Хансен другите не успеаја да бидат ефикасни и тешко се снаоѓаа. Сепак, Митревски смета дека и Хансен бил далеку од процентот на успешност.

„Тој на првенствата давал по десет гола од 11 шута или 13 од 14. Вчера имаше 11 гола, но од 18 удари. Не беше на нивото кое се очеквуаше. Немаше перфектен натпревар. Тој е тип на играч кој својот просек на голови го постигнува без разлика колку шутеви има. Сепак, важно е остатокот од екипата да не го следи. Вчера освен Ларсен немаше друг кој даде повеќе од четири гола. Се работи за вонсериски играчи кои колку и да ги затвораш ќе ја постигнат својата цел. Меѓутоа, кога остатокот од екипата не го следи лидерот тогаш имаме шанси против секој противник“, коментираше првиот избор за голот на Македонија, Никола Митревски.

Тој ќе биде од големо значење за Македонија и на реваншот во Данска така што се очекува уште еднаш да заблеска на голот.