Металург реши се за едно полувреме, со лесни три против Работнички

Одложениот натпревар од 5. коло меѓу Работнички и Металург од саботата беше одигран денеска, а гостите сосема очекувано се изборија за три бода. Од почетокот на средбата беше јасно кој ќе го добие овој натпревар со оглед на тоа што после 1:1 сè беше во знакот на гостинскиот состав.

Металург рано успеа да направи висока предност. После осум минути игра имаше 7:2, а потоа постепено овие пет гола ги зголемуваше. Имаше многу грешки, но и на двете страни. Сепак, помалку беа оние од ракометарите на Металург, па тие успеаја да стигнат до водство и од двоцифрен број на голови до крајот на првото полувреме така што немаше поголем проблем за да се обезбеди позитива од 23:12 на крајот од првиот дел.

Второто полувреме беше само формалност. На гостите им остана да го чуваат високото водство, а тоа го направија без поголеми проблеми. Успеаја постојано да бидат во предност и од минута во минута да имаат сè поголема позитива која им даде простор за да стигнат до мирна завршница.

На крајот резултатот доволно говори за тоа каков беше текот на настаните и колку беше голема разликата. Дури 16 гола разлика се секако доказ дека денеска Работнички немаше шанси со тимот на Металург.

РАБОТНИЧКИ – МЕТАЛУРГ       27:43 (12:23)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

РАБОТНИЧКИ: Петковски, Куртановиќ, Сулима 4, М. Кочаров, Палевски 10, Гичев 2, Полијак 2, Барлакоски 1, Михајловиќ 1, Фиданов, Темелковски 3, Илиевски 4, С. Кочаров, Осман, Стефаноски.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Ѓорѓески, Мијатовиќ, Кондев 3, Јагуриновски 3, Поповиќ 3, Шилегов3, Танкоски 1, Мариќ 3, Лазаревски 4, Младеновиќ 4, Вујовиќ 5, Чантурија 7, Кбилашвили 6, Арсеновски 1.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 4 мин.