Металург РА со победа го заврши регуларниот дел од Првата лига

Ракометарите на Металург РА во последното коло од регуларниот дел од Првата машка лига беа убедливи на гостувањето во Штип кај Текстилец со 30:18.

Сепак, освоената победа за Металург РА беше само четврта во оваа сезона и во останатиот дел од натпреварувањето екипата од Автокоманда ќе игра во плеј-аут фазата во прволигашкото друштво.

Ракометарите на Металург РА уште во првото полувреме дојдоа до зацртаните бодови. По израмнетиот почеток во првите десет минути, во следниот период избраниците на Игор Котевски преку Петковски, Субашевски и Прцуловски, од минута во минута ја зголемуваа својата позитива.

Металург РА со одлична серија од 8:0 поведе со 12:3 откако претходно водеше со 4:3. Тука веќе беше решен победникот на овој натпревар. До крајот на првото полувреме немаше поголема промена на резултатот. Текстилец не можеше да направи ништо повеќе против поискусниот противник, кој на полувреме замина со предност од осум гола разлика, 16:8.

Второто полувреме мина во рутинска игра на гостинскиот состав. Во 45. минута резултатот беше 24:11 за екипата на Металург РА. Ракометарот од Металург РА, Петар Колевски, во 46. минута доби црвен картон поради три исклучувања. Во последните десет минути, Текстилец се обидуваше да ја преполови високата резултатска негатива, но на крајот не успеа да се избори за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа со по пет погодоци беа Александар Петковски, Дамјан Субашевски и Александар Прцуловски. Кај Текстилец најефикасни беа Александар Димитров и Никола Јованов со по четири постигнати погодоци.