Марковски: Покажавме добар перформанс, ќе бидеме конкурентни против сите

Металург претрпе пораз на првата контролна средба пред новата сезона, а против Вардар обезбеди резултат 24:29. Тимот од Автокоманда во поголемиот дел од натпреварот беше рамноправен ривал со што најави добра сезона.

„Ме радува што за краток период од почетокот на подготовките покажавме добар перформанс и еднаква или израмнета игра со Вардар. Од првиот натпревар барав од моите момци да бидат сериозни и ангажирани. Сето она што го работевме го покажавме на терен, па и повеќе од тоа што требаше“, изјавипосле натпреварот против Вардар, тренерот на Металург, Иван Марковски.

Тренерот на Металург очекува ова да биде добра сезона, но очекува и во подготовките да се одработи најдобро што може и да се забележат добри резултати на следните контролни натпревари.

„Уште се наоѓаме во специфилен период бидејќи работиме на кондициски подготовки и нозете сè уште се тешки. Мислам дека сме на добар пат и ова е добар показател дека Металург е сериозен тим и се надевам и дека ќе го задржиме доброто темпо на работа и професионализам. Очекувам сето ова што го покажавме против Вардар да го покажеме на контролите против двете екипи на Еурофарм Пелистер, како и на натпреварите на струшкиот турнир“.

Металург летово ангажираше неколку интернационалци, а дефинитивно главното внимание го привлекуваат браќата Њокас.

„Се работи за големи професионалци. Ја покажаа разликата на теренот. Со нивниот ангажман покажавме дека сме многу посериозни од лани. Јас можам да порачам дека ќе бидеме цврст противник и конкуренти против првите две екипи, а со другите ќе играме со респект за да може квалитетот да дојде до израз. Ме радува и играта на Абдула Мане кој покажа дека е млад и перспективен и може многу да придонесе за тимот. Имаме добра подлога за една добра и успешна сезона“, изјави Марковски.

За екипата на Металург следуваат уште две контролни средби, а на нив тимот ќе се соочи и со првиот и со вториот тим на Еурофарм Пелистер.