Марковски за 24Ракомет: За мене овие момци се херои, ќе се бориме да завршиме трети

Победата од 36:35 против Бутел Скопје и овозможи на екипата на Металург да се најде на 3. позиција на табелата во плеј-офот од Супер машката лига, а воедно и донесе место во Европа за следната сезона.

После натпреварот, тренерот Иван Марковски имаше причина да биде задоволен бидејќи денеска е остварен планот да се игра во европските купови во сезоната која доаѓа.

„Им честитам на моите играчи за тешкиот натпревар. Им честитам и на ракометарите на Бутел за за играта бидејќи до последен момент се бореа. Подобриот победи. Го посакував ова пред средбата и сакав двете екипи на меѓусебниот дуел да го решат патникот за Европа. До крај од средбата беше неизвесно, но такви се дерби натпреварите. Момците издржаа тежок период. За мене тие се вистински херои. Дојдов во тежок период од годината и помогнав амбициите да се остварат. Металург заслужува да биде меѓу најдобрите и да игра во Лигата на Европа и следната година. Покажуваме дека сме сериозни и се враќаме каде што ни е местото“, изјави за 24 Ракомет тренерот Марковски.

Следува дуел против Вардар за финиш на сезоната и тој смета дека и на тој дуел момците ќе можат да одиграат најдобро што можат.

„Јас и претходно реков дека на сите натпревари ќе одиме на максимум. На сите средби сезонава против Вардар и Еурофарм Пелистер игравме без притисок така ќе биде и сега. Немаме што да загубиме. Можеме да се бориме за 3. место. Тоа ќе биде натпревар на кој ќе дадеме максимум. Ако ни се отвори шанса да бидеме на 3. позиција ќе ја искористиме, во тоа сме сигурни“.

Марковски смета дека овој состав на Металург може и повеќе, но тоа не беше остварено.

„Мислам дека можеме уште повеќе. Во овој момент со сите овие проблеми можеби ова е максимумот. Доколку бевме повеќе време заедно можевме да освоиме уште некој бод и ќе бевме погоре на табелата. Сепак, амбицијата беше пласман во Европа и успеавме. Сега одиме понатаму кон нови предизвици за следната сезона“, рече Марковски за 24 Ракомет.

Оваа победа на Металург ја реши дилемата кој од тимовите ќе оди во Европа, па на коло пред крајот падна одлука и во последното коло ќе може да се одигра смирено.