Манасков за 24 Ракомет ТВ: Квалитетот е на наша страна, но не смееме да ја потцениме Украина (ВИДЕО)

Еден од ракометарите кој беше дел од сите шампионати од 2012 година досега, Дејан Манасков добро знае како е да се игра на ваков тип на натпреварување.  Тој очекува добар старт против ривал кој е познат, но знае дека нема да биде лесно.

„Како и секоја година и сега сме тука. Драго ми е што повторно играме на едно Европско првенство. Украина ни е прв противник на овој шампионат и е добро познат ривал. Игравме и во претходните квалификации против нив. Ростерот е сличен од тие два натпревари. Нема некои поголеми изненадувања. Квалитетот е на наша страна и нема сомнеж. Не смееме да ги потцениме. Денеска секој игра ракомет“, изјави Манасков за 24Ракомет.

Очекува и малку грч во првите минути од средбата, но сигурен е дека како ќе одминува времето ќе биде подобро.

„Прв натпревар е и ќе биде сигурно тешко. Ќе треба малку време да се опуштиме. Некој може ќе влезе во грч. Се работи за прв натпревар на првенството, па ќе треба можеби малку адаптација на салата и на публиката. Сепак, ќе биде интересно и се надевам дека ќе ги запишеме првите бодови во групата“

Воедно е тука и да им помогне на помладите колеги кои сега ги прават првите чекори на големата сцена.

„Како што мене ми помагаа кога влегов во 2012 година така и јас се обидувам да им помогнам на новите момци во националниот тим. Сепак, тие веќе не се млади за настап на некое првенство и имаат по 3-4 првенства во своите нозе. Секој си ја знае својата задача и сите знаат што ги очекува и ако ги исполниме задачите тогаш ќе нема проблеми“, изјави Манасков за 24 Ракомет.

Средбата денеска се игра до 20:30 часот во Штадхале во Виена.

Дневен брифинг 10.01.2020

Публикувахте от 24Ракомет в Петък, 10 януари 2020 г.