Манасков влегува во гол форма

Интернационалецот во редовите на Веспрем, Дејан Манасков после добрата партија во финалето од СЕХА лигата продолжи со добрите игри и во првенството на Унгарија.

Тој беше меѓу поефикасните ракометари на последната средба на Веспрем во која овој тим забележа победа од 37:21 против вториот тим, Веспрем ККФТ.

Манасков на овој натпревар играше од стартот и беше стрелец на првиот погодок. Средбата ја заврши со пет гола со кои беше меѓу најефикасните на теренот.

После овој дуел имаше свој коментар за она што тој и неговите колеги го прикажаа на теренот.

„Победата на овој дуел беше најважна за нас. Сепак, одигравме добро само во последните 20 минути. Тогаш нашата игра беше онаа вистинската. Младиот тим на нашиот ривал мислам дека со ова што го прикажа заслужува да биде дел од најсилната лига на Унгарија и може да се надева на висок пласман“, коментираше Манасков.

Следниот натпревар за Веспрем следува веќе в недела кога следува дуел против Чегледи на домашен терен.