„Македонската суперлига е најквалитетна на Балканот“

Утре во рамките од 6.коло од Супер лигата ќе се одигра езерското дерби помеѓу Струга и Охрид. Во претходното коло, Охрид потфрли против Еурофарм Пелистер 2 и обезбеди само бод од Битола, додека Струга очекувано беше поразена од актуелниот шампион, Вардар.

Еден од главните ракометари во составот на Охриѓани, Игор Чагаљ очекува неизвесен натпревар карактеризиран со цврста одбрана помеѓу двете екипи.

„Навистина нема лесни натпревари, секоја екипа во плеј-офот е со причина. За езерското дерби не се потребни зборови, сите знаат какви се тие натпревари, со многу цврста одбрана и со мал број на голови. Нашето е да дадеме 100% на теренот и да го испочитуваме договорот со раководството на клубот. Струга има доста млади ракометари, но и неколку искусни интернационалци. Условите во Охрид се одлични, работиме добро, исто така и климата покрај езерото е добра, градот стои зад клубот”, изјави Чагаљ.

Искусниот ракометар смета дека Супер лигата во Македонија е најквалитетното натпреварување во поранешна Југославија, пред се поради самиот квалитет на натпреварите.

„Квалитетот во Супер лигата е навистина на едно високо ниво, посебно оваа година доколку видите кои екипи се борат за пласман на европска сцена. Бидејќи нема навистина лесни натпревари, сигурно нашето првенство е најквалитетно на Балканот”, заврши Чагаљ.

Утрешниот натпревар помеѓу Струга и Охрид ќе се одигра со почеток од 14 часот.