Македонија со претставник на кадетското ЕП – Марјан Начевски ќе биде делегат во Црна Гора

Кадетската машка репрезентација на Македонија нема да игра на Европското првенство во Црна Гора, но нашата земја ќе има свој претставник.

Станува збор за Марјан Начевски, кој се враќа на европската сцена и ќе биде во улога на делегат на натпреварите од ЕП.

Тој ја продолжува низата на активни официјални лица од Македонија ова лето. Претходно Драган Начевски беше дел од младинското ЕП заедно со судиите Исмаил Металари и Ненад Николовски, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов судеа на Африканското првенство, додека на кадетското СП во Македонија активни се Драган Начевски и судиите Даниело Божиновски и Виктор Начевски.

Европското првенство за кадети започнува на 4 август, а ќе се игра до 14 август во главниот град Подгорица.

Титулата на ЕП ја брани селекцијата на Шведска, која во 2018 година во финалето славеше против Исланд.