ФОТО: Grzegorz Michalowski

Македонија се врати од голем минус, ама загуби од Тунис


Репрезентацијата на Македонија на вториот натпревар од Президент Купот беше поразена од Тунис, со резултат 33:28. Иако нашата репрезентација имаше лош старт, сепак, кон крајот на првото полувреме целосно се врати во игра, а во вторите 30 минути за момент дојде до водство. Тунис со подобрата игра во последниот период од натпреварот успеа целосно да ја надигра Македонија.

Ракометарите на Тунис имаа добар почетокот и во раната фаза на натпреварот поведоа со 4:0. Селекторот Кире Лазаров уште во 5-та минута мораше да повика тајм-аут, со цел неговите избраници да излезат од кризата и да се вратат во игра. Тунис беше расположен за игра и по пет минути  дојде до предност од 5:0. Првиот гол за Македонија го постигна десното крило Гоце Георгиевски за намалување на негативата на 5:1.

Тунижаните со брза транзиција успеваа да дојдат до погодок, лесно наоѓа простор во одбраната на Македонија и по осум минути игра имаа водство од 7:2. Македонија за десет минути игра имаше постигнато само три, а примено осум гола. Селекцијата на Тунис неколку минути беше во криза, не искористи да го зголеми водството со играч повеќе, па така ракометарите на Лазаров кон средината на првиот дел со серија од 3:0 намалија на минус два, 7:5.

ФОТО: Grzegorz Michalowski

На моменти на голот на Македонија блескаше Митревски, кој не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. Водството на Тунис во 15 минута од натпреварот беше ,,плус четири” 10:6, додека пет минути подоцна, македонската репрезентација дојде до минус два гола разлика, 11:9.

Следуваше период, во кој Македонија полека фаќаше ритам и се враќаше во игра. Македонија ги користеше грешките на Тунис и во 25 минута дојде до еден гол негатива, 15:14, откако претходно африканската селекција имаше водство од 15:12. Тунис беше повеќе пофокусиран во финишот од првиот дел и на пауза замина со предност од 16:14.

ФОТО: Grzegorz Michalowski

На стартот на вториот дел африканскиот ривал стигна до плус три, 17:14, но Македонија за пет минути направи комплетен пресврт. Митревски беше одличен, одбраната исто така, а Кузмановски и Атанасијевиќ стрелаа за прво водство на нашата селекција, 18:17.

Тунис израмни, но сега беше полесно да се игра. Беше 19:19, па 20:20, но сега Македонија за момент почна да го диктира темпото. Ракометарите на Лазаров имаа краток залет, поведоа со 21:20, но во последниот период од дуелот не можеа да им парираат на разиграните ракометари од Тунис, кои целосно ја надиграа македонската репрезентација во финишот.

Ракометарите на Тунис со серија од 4:0 направија пресврт, зголемија на 24:21 и до крајот на натпреварот беа подобриот противник на теренот. Македонија се обидуваше да се врати во игра и сите акции за било каков камбек завршуваа без успех. Тунис продолжи да погодуваа во мрежата на Македонија, а крајниот епилог од средбата беше 33:28.

Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Дејан Манасков и Филип Кузмановски со по седум погодоци, три постигнаа Филип Талески и Ненад Костески, два додаде Игор Горѓиев, додека по еден гол запишаа Никола Маркоски, Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски, Иван Џонов, Петар Атанасијевиќ и Мартин Серафимов.

Македонија во последното, трето коло, од Президент Купот ќе игра против селекцијата на Мароко.