„Македонија е земја на европскиот првак – затоа е фаворит во групата“

Еден од ривалите на македонската репрезентација на претстојното Европско првенство ќе биде и еден од домаќините, Австрија.

Селекторот на оваа селекција, Алеш Пајовиќ ја препушта фаворитската улога во групата на нашата репрезентација.

„Играме на домашен терен, тоа е голема предност, бидејќи публиката ќе биде нашиот осми играч. Иако на прв поглед групата изгледа лесно, сепак не е така. Секој може да го победи секого. Нашата цел е да се пласираме во главната фаза. Македонија има добра репрезентација, предводена од лидерот Кире Лазаров. Во репрезентацијата играат ракометари од Вардар и Металург кои имаат големо искуство на меѓународната сцена и во Лигата  на шампионите. Вардар е европски првак, а Македонија е земјата на европскиот првак, затоа се фаворит во нашата група“, изјави Пајовиќ.

Покрај Австрија и Македонија, во групата Б на ЕП што ќе се игра во Виена, ќе играат и Чешка и Украина.