Македонија доби нов младински шампион

Екипата на Алкалоид е новиот младински шампион откако на Ф4 турнирот, кој се одржуваше во спортската сала „Антон Димитров“ во Бутел, ја совлада младинската екипа на Бутел, со резултат 23:22. Ланската сезона титулата ја освои тогашниот состав на КЛ7.

Ракометарите на Алкалоид имаа добар старт, поведоа со 4:0 во воведниот дел, но не успеаја предноста од четири позитива да ја задржат до крајот на првиот дел. Избраниците на Дарко Јанев од 10 минута фатија ритам и заиграа поангажирано во нападот. По водството на Алкалоид од 7:4, екипата на Бутел со серија од 3:0 израмни на 7:7 и влезе во егал завршница.

Бутелци во 20 минута за првпат дојдоа до водство, поведоа со 8:9 и се обидоа да им парираат на ракометарите на Алкалоид, кои имаа подобар финиш и на пауза заминаа со водство од два гола разлика, 12:10.

Алкалоид постигна неколку лесни погодоци на почетокот на вториот дел и по пет минути игра дојде до плус три позитива, 17:14. Предноста на Алкалоид во неколку наврати до 45 минути беше три-четири позитива. Бутел искористи дел од грешките на Алкалоид и со голот на Спасовски намали на минус два, 20:18.

„Гостите“ откако промашија неколку напади за минус еден, на пет минути пред крајот конечно дојдоа до 22:21. Следуваше период во кој секој напад беше клучен и ниту една од двете екипи немаа право на грешка. Алкалоид реализираше за 23:21, а во следниот напад, Бутел од пенал, повторно, дојде до минус еден, 23:22.

Алкалоид промаши во последниот напад, во кој можеше да обезбеди сигурна победа, но ракометарите на Јанев не успеаја да организират стабилен напад, направија грешка за нерешен резултат и му дозволија на Алкалоид да ја освои шампионската титула во дебитанската сезона.

Еурофарм Пелистер 2 во натпреварот за 3 место беше подобар од составот на Прилеп со шест гола разлика, 19:25 (10:9).