Ловќен на Маџовски наместо дома, европските дуели ќе ги игра во Подгорица

Црногорскиот шампион Ловќен од Цетиње во новата сезона освен на домашна сцена ќе игра и во Европа, односно ќе биде дел од групната фаза во второто по ранг европско квалитетно натпреварување – Лига на Европа.

Клубот во кој настапува повремениот репрезентативец на Македонија, Бојан Маџовски,  натпреварите во Лигата на Европа наместо на Цетиње ќе ги игра во Подгорица.

Спортската сала на Цетиње која е со капацитет за околу 1500 навивачи, моментално, не ги задоволува условите на ЕХФ, па така црногорскиот шампион е приморан европските натпревари да ги игра во главниот град на Црна Гора.

Ракометарите на Ловќен гостите од Европа ќе ги пречкаат во „Бемакс Арената“ во Подгорица, арена во која женскиот црногорски шампион Будуќност ги игра дуелите во рамки од Лигата на шампионите.

Ловќен во групната фаза од Лига на Европа за ривал го има некогашниот европски шампион Фленсбург, потоа норвешкиот вицепрвак Елверум, како и швајцарскиот Кадетен Шафхаузен.

Клубот на Маџовски на 24 септември во Подгорица ќе го пречека бундеслигашот Фленсбург во второто коло, додека во првото коло Ловќен гостува во Норвешка кај Елверум.

Клубот од Цетиње создаде конкурентен тим за новата сезона, па освен Маџовски, потпишаа уште Мирко Радовиќ, Вуко Борозан, Лука Вујовиќ, Вук Лакичевиќ, Филип Борозан…