„Лалињата“ во Златна лига ќе се подготвуваат за двобој со Македонија

Репрезентацијата на Холандија, која е еден од противниците на македонската репрезентација на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир, ќе има силни подготовки пред доаѓањето во Скопје.

Ракометарките на Холандија ќе бидат дел од Златната лига каде што ќе играат против репрезентациите на Норвешка, Данска и Швајцарија. Овие дуели од Златната лига ќе бидат одлична можност за новиот селектор на Холандија, Пер Јохансон да ја провери формата на секоја ракометарка, но и за подобро воигрување на репрезентацијата.

Холандија натпреварите од Златната лига ќе ги одигра на 29 септември кога ќе се соочи до Данска, потоа на 1 октомври ќе игра со Норвешка, а на 2 октомври ќе игра против незгодната репрезентација на Швајцарија.

Избраничките на Пер Јохансон во првата фаза од ЕП освен со Македонија ќе играат и со репрезентациите на Франција и Романија во рамки од групата Ц. Трите најдобри репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.

Холандија дуелот со Македонија на ЕП ќе го одигра на 7 ноември, во рамките од второто коло.