Лазаров: По Мундијалот немаше друго решение, затоа прифатив да станам селектор

Кире Лазаров секогаш е во фокусот на француските медиуми, но не само поради Нант, туку и поради националниот тим на Македонија.

Тој во интервју за „Ouest France“, открива како се случило да ја прифати селекторската позиција по Мундијалот во Египет.

„По Светското првенство во Египет, на кое не игравме добро и изгубивме многу натпревари, федерацијата реши да го смени тренерот. Но немаше друго решение, знаеја дека се подготвувам да бидам тренер и дека ги познавам играчите добро и ситуацијата, па го слушав нивниот предлог. Во меѓувреме зборував за тоа со претседателот на Нант, Гаел Пелетие, и тој ми даде дозвола, па затоа се согласив да станам селектор. Јас сум капитен на репрезентацијата подолго време и отсекогаш бев десна рака на сите досегашни селектори. Значи, тоа не се смени многу. Зедов двајца или тројца помошници тренери, поранешни интернационалци, кои ми помагаат и функционираме заедно“, вели Лазаров.

Следен предизвик за Македонија ќе биде настапот на Европското првенсвто во Унгарија и Словачка, а се наоѓаме во група со Словенија, Данска и Црна Гора.