Лазаров: Пасквал сигурно ќе подготви некое изненадување, но и јас добро го познавам него

Машката сениорска репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомеч со селекцијата на Романија за место во вториот бараж за СП.

Селекторот Кире Лазаров вели дека Романија не смее никако да се потцени и мора да се гледа со респект.

„Знаевме дека ќе играме бараж и кога бев поставен за селектор тоа го имав во глава. Тогаш кога игравме со Романија бараж беше Пасквал, исто ќе биде и сега. Тој 12 години беше во Барселона, а за да осанеш толку време во еден таков клуб, сигурно станува збор за еден од најквалитетните тренери во светот. Имаат промени и напредок и на клупски и на репрезентативен ракомет. Ние имаме исто големи промени, многу играчи што не беа тогаш, а ќе играат сега. Станува збор за противник што е сериозен, што никако не смееме да го потцениме, напротив треба да го гледаме со респект. Познавајќи го Чави, сигурно ќе ни подготви некое изненадување, но и јас го знам како тренер, знам како работи. Ние направивме една видео анализа и добро ќе се спремиме за овој бараж меч“, вели Лазаров.

Националниот тим од утре би требало да биде комплетен на тренинзите. Денеска во Македонија доаѓаат Пешевски и Миркуловски, доцна навечер доаѓа и Митревски.

„Пешевски и Миркуловски вчера играа натпревар, па ќе добијат слободен ден, но ќе бидат присутни на видео анализите. Никола Митревски исто така од утре ќе биде вклучен во тренинзите. Освен Мишевски, Велковски и Манасков, други проблеми со повреди немаме“, продолжи Лазаров.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Романија на 17 март во Скопје, додека реваншот е на 19 март во Букурешт.