Лазаров: Можеме со сите во група, пред почеток на ЕП сме благи фаворити

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров од четврток се става на располагање на националниот тим. Тој како и уште неколку ракометари не беше на Трофеј „Карпати“, но затоа ќе биде дел од контролите во Словенија, каде покрај дуел со домаќинот ќе биде одигран и меч против Црна Гора.

„Поискусните и ракометарите кои играат во Германија се приклучуваме на 2 јануари. Селекторот имаше можност да види на кои играчи може да се смета за да имаме поширок ростер. Од она што го видов со Романија сум задоволен како капитен. Овие играчи треба да се охрабрат и да им се даде шанса за да можеме да бидеме конкуретни и со големите селекции. Не треба да стравуваме за нашата иднина. Ќе бидеме учесници и понатаму на големите натпреварувања и ако ни се укаже шанса да ја искористиме“,рече Лазаров.

Тој смета дека младите одиграле добро и дека сега кога на терен ќе се најдат со поискусните ќе биде уште подобро.

„Имаме 7-8 дена до почетокот на Европското првенство за подготвени да го дочекаме овој дуел. Сите играчи кои одиграа четири натпревари за шест дена и со така долг пат се подготвени за настап и добро е што никој не е повреден. Сега тука сме и поискусните јас, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Стојанче Стоилов… играчи кои играат во големи клубови, а имаме и ростер за да можеме да одиграме добри средби во текот на целото првенство.

Што се однесува допрвенството смета дека Македонија може до пласман во главната фаза.

„Се надеваме и веруваме дека имаме квалитет за да ја минеме првата фаза. Искуството вели дка мора да одиме натпревар по натпревар. Првиот меч е најважен за да отвориме добро. Ова се противници кои во минатото повеќе сме ги победувале отколку што сме губеле, но однапред не можеме да предвидиме што ќе се случува. Можеме да се носиме со сите ривали, а во моментов сме благи фаворити, па дури и против домаќинот Австрија. Со оглед на ростерот и искуството кое го имаме ни дава сигурност дека ростерот ќе го надополниме и ќе имаме 14 до 16 квалитетни ракометари кои ќе можат на секој натпревар да го дадат својот допринос и без разлика дали ќе одиграат 5 или 15 минути да се верува на нив“, изјави Лазаров на денешниот прес.