„Лазаров е класа, и на терен и надвор од него“

Француската национална телевизија го посети на подготовките тимот на Нант и направи репортажа за Кире Лазаров.

Французите посебно ги интересираше неговата најавена одлука дека ја игра последната сезона во професионалната кариера.

„Сменив многу земји, настапував во Хрватска, Унгарија, Шпанија, сега сум во Франција. Скоро дваесет години сум во странство. Многу ги користам масажите, и во Нант и во македонската репрезентација. Масерите се мои големи пријатели. Одлучив дека ова веројатно ќе биде моја последна сезона како ракометар. Но, ќе ја донесам дефинитивната одлука во јануари или февруари. Ако мојата глава рече дека е доста, тогаш доста е. Но, одлично се чувствувам и спремен сум”, вели Лазаров.

Ако некој добро го познава Лазаров од сегашниот ростер на Нант, тоа се шпанските ракометари, со кои претходно играше во Асобал лигата, но и тренерот Алберто Ентрериос, со кого македонскиот ас ја делеше соблекувалната во Сиудад Реал.

„Верувам дека Кире ќе има добра сезона и дека ќе биде константен во нападите, што не е лесно за 40-годишник”, смета тренерот на Нант, Алберто Ентрериос.

Дури и најмладите членови на Нант земаат пример од нашиот капитен. Тимо Брие го апострофира професионализмот и примерот кој Лазаров им го покажува на помладите.

„Откако дојде Кире е пример за нас. Пример на тренинзите, како се однесува, пример за време на оброците…Кире е класа, на теренот или надвор од него, Кире е пример”, вели младиот Брие.

Новата сезона во Лигата на шампионите и француското првенство е на самиот старт, а Нант пак ќе биде еден од фаворитите во двете натпреварувања.