Лазаров: Добивме две победнички комбинации, здрав Кире и поголема самодоверба кај младите

Капитенот Кире Лазаров на контролните средби со Словенија и со Црна Гора не настапи исто како и во ЕХФ неделата против Грузија пред два месеци. Сепак, тој е подготвен за играње и утре ќе биде на терен така што ќе може од првата минута да тргне против Украина.

„Заедно со стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија постигнавме договор пред сè поради превенција главно поради мојата возраст за да биде се во ред бидејќи видовме што се случи во сите репрезентации, не само кај нас. Затоа најважно е првенството да се дочека здрав. Од друга страна добивка е и за моите колеги репрезентативци бидејќи полека, но сигурно мора да се опуштаат и да играат без мене. Мислам дека добивме две победички комбинации, а тоа е: Здрав Кире и поголема самодоверба кај младите“, изјави Лазаров.

Тој смета дека групата е добра  и дека ждрепката и била наклонета на Македонија потврдувајќи уште еднаш дека смета дека на сите средби сме благи фаворити.

„Имавме среќа во ждрепката и добивме добра група. Против трите репрезентации ќе бидеме благи фаворити на теренот. Добро се подготвивме во Словенија, и сметам дека имаме квалитетна репрезентација, но на ова првенство треба да одиме натпревар по натпревар. Не сакам да наметнувам притисок и да зборувам за големи очекувања. Ќе бидам воздржан и сакам сето тоа да се одвива во некој природен процес. Подготвени сме, имаме голема верба, голема самодоверба, ентузијазам, физички сме подготвени. Воедно имавме и мир во Лашко. Оптимист сум. Добро функционираме како екипа и се познаваме и доста време сме заедно и дел од нас со поглед може да функционираме на теренот, што е голема предност за нас. Најважно е што сите сме здрави, добро подготвени и со нетрпение го чекаме стартот утре.“

Што се однесува до средбата против Украина очекува победнички старт.

„Поквалитетни сме и поискусни од Украина. Тука нема што да криеме. Посакуваме и ќе дадеме се од себе за да тргнеме победнички“, заврши Лазаров во својата прва изјава веднаш после пристигнувањето во Виена.

Натпреварот против Украина се игра утре од 20:30 часот.