Куманово се спаси од пораз кај Вардар во последната минута

Ракометарките на Вардар беа пред победа против Куманово и имаа предност во поголемиот дел од натпреварот, но не издржаа до крај така што останаа само со еден поен против фаворитот на овој дуел Куманово. На крајот бодовите беа поделени откако Мила Трајковиќ погоди за нерешени 28:28.

Натпреварот тргна во израмнета игра, а гостинките дојдоа први до предност од два гола. Имаа 3:1 и 4:2, а потоа со три гола во серија вардарки го свртеа резултатот во своја полза. Следуваше ново менување во водство при што и едниот и другиот тим имаа свои моменти.

Во една ваква игра после 9:9 домашните најдоа начин како да направат серија и да го казнат гостинот, па со 4:0 стигнаа до предност која знаеја да ја контролираат до крајот на првото полувреме и на одмор да заминат со 19:15.

Куманово тргна порешително во вториот дел од натпреварот, па успеа да се доближи, но никако и да израмни. Вардар се држеше на гол до два предност и имаше контрола. Се чинеше дека ќе успее и до крајот, но после 57. минута кога беше реализиран 28. гол во нападот немаше решение.

Ракометарките на Куманово го затворија приодот кон голот и успеаја да намалат прво на 28:27, а потоа во последната минута од средбата и да израмнат преку Трајковиќ на 28:28.

Од ова реми дефинитивно позадоволна треба да биде екипата на Куманово која губеше во поголемиот дел од натпреварот, додека вардарки иако направија одличен резултат останува да жалат што не успеаја да дојдат до три бода денеска.

ВАРДАР – КУМАНОВО  28:28 (19:15)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

ВАРДАР: Грујовска, Илиќ, Попова, Ѓеоргиевска 3, Стефаноска, Џатевска 1, Лазаровска 3, Трпевска 2, Костовиќ 3, Диневска 4, Миновска 2, Галевска 6, Стојановска 1, Стаменова, Коцева, Дамјановска 3.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 2 мин.

КУМАНОВО: Митровиќ, Јовановска, Марковиќ, Пецанова, Трајковиќ 9, Ивановска 2, Боризовска 3, Шарановиќ, Чокели 5, Јанкуловска 3, Кипријановска 6, Митровиќ, Џамкиќ, Цветановска, Краљевски, Бечирхоџиќ, Димитриевска.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 6 мин.