Кузманоски: За секој играч е гордост да игра за сениорскиот национален тим

Доколку добијам шанса ќе ја оправдам довербата на селекторот. Преку вакви пријателски натпревари ќе имаме шанса да се докажуваме како млади играчи и да се наметнеме посериозно за составот на репрезентацијата

Ракометарот на Еурофарм Пелистер 2, Цветан Кузманоски, ја продолжува струшката лоза на репрезентативци на Македонија. Левото крило се најде на списокот на сениорската репрезентација за престојните пријателски натпревари против Чиле кои се играат следната седмица.

Своите почетоци во ракометот ги имаше под водство на тренерот, Наум Танески во Струга и во овој клуб го добива првото ракометно искуство на натпревари од Првата лига. Од ,,рака” му оди да биде прв стрелец, па така беше најдобар стрелец на завршниот турнир на кадетската лига на Македонија во 2016 година. Добрите партии му овозможуваат голема минутажа во Струга, и левото крило во две сезони е најдобар клупски стрелец (2018/19 и 2019/20).

Неговите квалитети беа причина да добие понуда од Битола и од Струга да замине и да го засили Еурофарм Пелистер 2. Во тимот од Битола под раководство на Александар Јовиќ покажа одлична игра која беше забележана од селекторот на репрезентацијата на Македонија и неговото место во ростерот на Данило Брестовац е сосема заслужено.

Кузманоски смета дека Еурофарм Пелистер 2 е чекор плус во неговата кариера поради можноста за напредување и условите кои ги нуди тимот од Битола. Вториот тим на Еурофарм Пелистер се формира со цел афирмација и надградување на младите ракометари кои се натпреваруваат во Супер лигата, но и создавање на репрезентативни ракометари.

„Доаѓањето во Битола е чекор напред за мене, бидејќи дојдов во клуб со традиција, добра организација, одлична атмосфера и добри услови за работа. Имам можност за напредување и да се надоградувам како играч со успешни и докажани тренери. Искуството кое го стекнав во екипата на Струга на натпревари од Супер лигата беше од голема важност за мене, пред сè за физичката подготвеност”.

Еурофарм Пелистер 2 е млада и амбициозна екипа, а ракометарите покажаа дека може да се борат со секого. Стружанецот смета дека доколку играта биде на ниво, и се оствараат нивните цели, тогаш може да го гледаме вториот тим на Еурофарм Пелистер во некој од Европските купови следната година. За квалитетот на Супер лигата неспорно е да се каже дека годинава е на високо ниво, но борбата за шампионската титула би била меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. За место меѓу петте најдобри ќе се бори и Еурофарм Пелистер 2.

„Уште од самиот старт нашите амбиции беа пласман во плеј-офот. Целта ја остваривме и во разигрувањето за титулата влегуваме растоварени и без никаков притисок. Се надевам дека со максимално ангажирање во играта, ќе дадеме добри партии и доколку ни се укаже прилика да се избориме за место кое води во Европа. Јас сум задоволен од моите настапи, но секогаш може подобро. Не очекуваат интересни натпревари. Најголеми фаворити за освојување на титулата се Еурофарм Пелистер и Вардар и сметам дека одлучувачки ќе бидат нивните меѓусебни дуели”.

Со повикот во репрезентацијата, Кузманоски, смета дека има шанса за докажување на своите квалитети и способности, но и сериозно наметнување во иднина во сениорската ракометна репрезентација на  Македонија.

„За секој играч е чест и гордост да се настапува за Македонија. Среќен сум што сум повикан од селекторот и се надевам дека доколку ми се даде можност, ќе ја оправдам неговата доверба. Преку вакви пријателски натпревари ќе имаме шанса да се докажуваме како млади играчи и да се наметнеме посериозно за составот на репрезентацијата”.

За состојбата на ракометните клубови од Струга, 20 годишниот ракометар смета дека е потребен добар ентузијазам и вложување во ракометот. Од овој град има голем број на репрезентативци, од кадетска па се до сениорска репрезентација.

„Во Струга се работи напорно со помладите категории и не е случајно што голем број на репрезентативци доаѓаат од овој град. Потребен е ентузијазам и многу вложувања во ракометот, не само во Струга туку и низ целата држава за полека да заживуваат ракометните центри кои во минатото имале квалитетни клубови. Во овој град преку лето се активни тренинзите и за ракомет на песок кои исто така се добри за развој на младите ракометари бидејќи има натпреварувања и во оваа категорија, првенства и разни турнири. Струга секогаш ќе биде расадник на млади таленти, а пример за тоа е пласманот во Супер лигата на Струга со свои домашни ракометари”, вели 20-годишниот Кузманоски за 24ракомет.мк.

Собирот на сениорската репрезентација на Македонија е закажан за утре, а пријателските натпревари против Чиле ќе бидат од затворен карактер.