Кузмановски за 24 Ракомет ТВ: Да се игра пред ваква публика е нешто посебно (ВИДЕО)

Машката ракометна репрезентација на Македонија одигра во одлично светло против Романија и оствари висок триумф со осум гола разлика, 30:22, во првиот натпревар од првиот бараж за Светското првенство 2023.

Еден од предводниците во македонската репрезентација беше Филип Кузмановски, кој во мрежата на противникот постигна седум погодоци од десет обиди.

Кузмановски е свесен за големата предност од осум гола разлика, но смета дека не треба да се потцени репрезентацијата на Романија, која на реванш натпреварот може да ја има денешната улога на Македонија.

„Сакам да се заблагодарам на нашата публика која денес беше нашиот осми играч. Мислам дека по скоро две години игравме пред исполнета сала и тоа за нас навистина беше нешто посебно. Публиката ни даде голема мотивација во текот на натпреварот. Со осум гола позитива одиме на реваншот во Романија, но не треба да се опуштиме. Ќе гледаме видеа во наредните два дена, ќе се подготвиме и не треба воопшто да ги потцениме бидејќи може истото да се случи таму, тие да водат. Добро треба да ги анализираме и мислам дека оваа предност е добра. Имаме два дена да се одмориме и да бидеме спремни за реванш натпреварот“.

Македонија и Романија реванш натпреварот ќе го одиграат на 19 март во Букурешт, со почеток од 17:00 часот.

 

Фантастичната Македонија слави висок триумф, Романија изгоре во скопскиот пекол!