Крстевски го постигна решавачкиот гол, Фочани оди во осминафинале на Европскиот Куп

Романскиот тим Фочани, за кој настапува македонскиот репрезентативец Горан Крстевски, обезбеди место во осминафиналето на Европскиот Куп.

По триумфот над Хаукар на првиот меч во Романија со 28-26, Фочани загуби на Исланд на реваншот со 27-26, па со еден гол предност во двомеч обезбеди место во следната фаза.

Фочани водеше со 19-23, но домаќините направија комплетен пресврт. Крстевски даде четири гола од седум обиди, а последниот беше најважен за 25-26.

До крајот домашните дадоа два брзи гола, но немаше време за нешто повеќе и Фочани обезбеди место во осминафиналето на Европскиот Куп. Уште еден Македонец, Виктор Гигов, со грчкиот тим ПАОК ќе игра во оваа фаза.