Крилото на Веспрем си ја затвори засекогаш вратата во репрезентацијата

Ракометарот кој игра на позицијата лево крило во екипата на Веспрем, за кого немаше место во националниот тим на Хрватска, Мануел Штрлек, практично самиот си го пречкртал своето име од списокот на Лино Червар пред истиот да биде објавен уште кога се соопштуваа 28 играчи од кои ќе се бира за ЕП.

Според потпретседателот на Ракометниот сојуз на Хрватска, Зоран Гобац, Штрлек самиот се изјаснил дека не сака да настапува за репрезентацијата.

„Сакам да ја појаснам ситуацијата околу Штрлек. Тој самоиницијативно се откажа од репрезентацијата, а добро знаеме што значи тоа. Според одлуката на собранието на Ракометниот сојуз на Хрватска оние играчи кои не сакаат да играат за репрезентацијата избрале пат од кој нема враќање. Значи, Мануел Штрлек никогаш повеќе нема да игра за репрезентацијата на Хрватска без разлика кој ќе биде селектор. Тоа е негова одлука, никако не е наша. Доколку бил незадоволен од статусот тоа требало да го задржи за себе и да ја прифати одлуката. Имаше многу поголеми играчи од него на кои такво нешто никогаш не им паднало на памет, на пример Ивано Балиќ“, рече Гобац.

Хрватска е во големи проблеми пред ова Европско првенство бидејќи неколку ракометари се повредија, а повеќето се на позицијата лево крило.