Корона проблем: Колешка на Ристовска цело лето ќе биде во Русија – нема авион до Бразил!

Генералниот директор на ЦСКА Москва, Едуард Акопјан, за руските медиуми откри дека клубот се соочил со големи проблеми околу интернационалките.

За нашата Сара Ристовска беше најдено решение на почетокот на мај и таа е веќе во Македонија, но не е таков случајот со бразилската голманка Чана Масон.

Поради коронавирусот, голем број на граници и аеродроми низ светот се затворени, па тешко е да се најде конекција.

„Сара Ристовска си замина на почетокот на мај. Но со заминувањето на бразилските ракометарки од Суперлигата, три клуба имаат проблеми. Во Астраханочка, Ростов Дон и кај нас, сите имаме проблеми како да ги испратиме дома. Ја контактираме бразилската амбасада, но нема летови за Бразил. Како што разбрав, мал е број на луѓето што треба да одат таму за да се организира лет. Ако ситуацијата не се смени, Масон ќе остане во Москва цело лето, а според планот подготовките ќе почнат на 1 јули. Таа е тука со семејствтото, сопругот и детето, па нема да има проблеми“, вели Акопјан.

Ростов Дон стана шампион на Русија и ќе игра во Лигата на шампионите, додека ЦСКА Москва ќе биде дел од Лигата на Европа.