„Конечно ќе можам да одам на завршниот турнир во Келн“

Црногорката Катарина Булатовиќ објави дека ја завршува кариерата откако беше откажан завршниот турнир од Лигата на шампиони во Будимпешта кој требаше да се игра во септември.

Во иднина Булатовиќ нема да биде активно вклучена во ракометот што според неа е незамисливо, а планира повеќе да се посвети на семејството, да стане мајка и да направи работи кои до сега не можела.

„Во сегашната ситуација тешко е да се планира долгорочно. Сакам да се посветам на семејството и да станам мајка. Покрај тоа сакам да ги завршам и студиите. Не сакам да бидам активна во ракометот, не можам да го замислам тоа. Сепак јас сум голем обожавател, тоа е сигурно. Конечно ќе можам да направам некои работи кои досега не можев. Пред некој ден размислував да одам на завршниот турнир за мажи во Келн. Тоа ми е желба, но досега не можев да го направам тоа“, изјави Булатовиќ за унгарскиот Немзети спорт.

Покрај ова, Булатовиќ зборуваше и за нејзините незаборавни моменти. Особено истакна дека е горда на успехот остварен на Олимписките игри во Лондон 2012 кога го освои сребрениот медал со Црна Гора, но и дека тоа е еден од најтешките моменти во кариерата затоа што не стигна до златото.

Сепак 2012 беше многу успешна година за неа, освен среброто од ОИ таа стигна и до златен медал од Европското првенство и со Будуќност стана европски клупски првак.