Кичево со силен отпор, но бодовите останаа во Велес

Екипата на Борец на домашен терен го совлада Кичево со 33:29 во натпревар од 10. коло од плеј-аут фазата во Првата лига. Кичево беше рамноправен противник во првото полувреме, додека Борец успеа да дојде до новите бодови поради подобрата игра во вториот дел.

Ракометарите на Борец имаа добро отворање на натпреварот и по пет минути игра резултатот беше во нивна корист, 3:1. Екипата на Кичево со головите на Стојчески и Петкоски успеа да се врати во игра и да намали на минус еден, 7:6. Серијата на гостите од Кичево продолжи, а ефикасен беше Смилески за израмнување на резултатот, 7:7.

До крајот на првото полувреме немаше голема промена. Се играше гол за гол и најчесто екипата на Борец беше во предност од еден гол разлика, но на полувреме се замина со нерешен резултат, 14:14.

Второто полувреме започна со израмнета борба. Сепак, Борец полека ја градеше предност и по десет минути игра успеа да создаде солидна предност од три гола која ја чуваше до самиот крај. Двете екипи играа погрубо во одбраната, па судиите на овој дуел доделија 15 исклучувања и еден црвен картон.

Во составот на Борец, Јован Атанасовски и Кирил Миленков беа најефикасни со по шест гола. Во кичевскиот тим се истакна Кристијан Смилески со осум гола.