Кил му покажа на Алборг „кој е кој“, ниту Хансен и Палмарсон не можеа да спречат пораз

Тимот на Кил славеше на гостувањето кај Алборг сo 30-26, откако водеше во текот на целиот натпревар. „Зебрите“ му се одмаздија на данскиот тим, кој успеа да извлече реми на гостувањето во Германија.

Избраниците на Филип Јиха уште на стартот поведоа со 9-4, а данскиот тим успеа да намали на минус еден негатива до полувремето, но сепак Кил на пауза замина со предност од два гола, 16-14.

На стартот на вториот дел „зебрите“ го направија клучниот чекор до победата. Зголемија на 20-15, имаа и предност од плус шест и до крајот само рутински ја одработија задачата за победа среде Алборг.

Сагосен со шест и Рајнкинд со пет гола беа најдобри стрелци кај Кил, додека Бјорнсен даде осум гола за Алборг, а по четири пати стрелаа Хансен, Палмарсон и Бартолд. Германскиот тим сега има 10 бода на четвртото место, додека Алборг е шести со седум.