Елверум пропушти сензација, Алекс Душебаев го спаси Келце

Ракометарите на Келце потешко од очекуваното дојдоа до победа на гостувањето во Елверум против истоимената екипа триумфирајќи со 27:26 во натпревар од 8. коло од Лигата на шампионите.

Двете екипи во првиот дел имаа свои моменти, падови и подеми. Екипата на Елверум беше и повеќе од рамноправен противник. Во првите 30 минута двата табора наизменично се менуваа во водство и ниту еден од нив не можеше да направи поголема дистанца, па така натпреварот беше понеизвесен.

Келце направи краток исчекор кон средината на првото полувреме кога во еден момент имаше два гола разлика, односно водство од 8:6, сепак, мотивираните домаќини не се предаваа и играа во егал. Менувајќи се во водството, првото полувреме заврши со погодок предност за полскиот шампион, 14:13.

За неколку минути игра во продолжението дојде до израз квалитетот меѓу двете екипи. Келце предводен од голманот Андреас Волф, кој беше клучен фактор во тимот на Душебаев, започна да создава сериозна предност и со неколку добри серии се одлепи на 19:15 во 40 минута.

Елверум се надмина себе си, направи камбек во дуелот, израмни на 21:21, а во 48 минута, младиот Хелдал по долго време му донесе водство на домаќинот од 22:21. Избраниците на Душебаев со серија од 2:0 го вратија водството во свои раце, поведоа со 23:22 и во последните десет минути влегоа со поголема психолошка предност.

Откако Келце имаше ,,плус два” 25:23 на речиси седум минути пред крајот, тимот на Елверум повторно дојде до израмнување и во 55 минута резултатот беше 26:26. Душебаев беше ефикасен за 27:26 и во последните минути практично решаваше секој напад, една грешка можеше да значи многу. Искуството си го направи своето, домашниот табор пропушти неколку напади за барем бод во овој дуел, па така Келце на искуство освои важни бодови.

Најефикасен во победничката екипа беше Алекс Душебаев со шест погодоци, додека во поразениот табор одлична партија одигра репрезентативецот на Србија, Урош Борзаш, кој исто така имаше шест реализации. Голманот на Келце, Андреас Волф натпреварот го заврши со 19 интервенции.