Келце отпадна, но Сервас не планира промени: Талант не е виновен, имаме само мала криза

Првиот човек на екипата на Келце, Бертус Сервас после испаѓањето на клубот од Лигата на шампионите уште во осминафиналето го искажа своето видување на настаните и сето она што се случуваше. За sportowefakty тој коментираше во врска со тренерот и со играчите и нивното однесување на теренот.

Според Сервас во моментов нема никаков проблем односно причината ја гледа само во падот на формата односно некаква криза поради која момците не го покажаа најдоброто во последниот период.

„Многумина бараат проблем во работата на Душебаев, но јас тоа не го гледам така. Мислам дека нашиот тим го има најдобриот тренер на светот. Кога би забележал дека во тимот повеќе нема хемија и атмосферата е нарушена тогаш би размислил за преземање на некаков чекор, но вака тоа не е вистина. Јас не сум личност која презема драстични мерки и мислам дека би било апсурдно да се казнува кого било поради рано отпаѓање од Лигата на шампионите“, вели Сервас.

Што се однесува до играчите и за нив нема забелешки така што нема да има промени ниту таму и сè останува исто.

„Доколку би забележал дека ракометарите не се борат и дека не даваат 100% од своите можности тогаш работите би ги поставил поинаку. Сепак, овде е во прашање само криза во формата и ништо повеќе. Не може да се бара оправдување во заморот и тесниот календар. Сепак, факт е дека некои играчи одиграа повеќе од 20 натпревари за само два месеци“, коментира претедателот на Келце.

Келце се надеваше на пласман на Ф4 во Келн, но очигледно не сметаше на тоа дека Нант може да изненади и да дојде до голем триумф во Полска, па сега екипата може само да се посвети на натпреварите на домашен терен.