Келце запиша триумф против Порто и Митревски

Ракометарите на Келце во рамките од 5. коло од Лигата на шампионите на свој терен беа подобри од Порто со 39:33 во натпревар од Групата Б.

Првото полувреме помина ефикасно, со многу голови на двете страни. Ракометарите на Келце уште од самиот почеток беа во водство. Гостите од Португалија по првата половина од првиот дел се вратија во игра и го израмнија резултатот на 11:11. Избраниците на Талант Душебаев со неколку одбрани на голманот Волф, повторно го вратија водството кое беше одржано до крајот на првото полувреме кое заврши со нивна предност од 21:17.

Во второто полувреме, Келце ја зголеми својата предност на највисоки седум гола разлика, 28:21. Малото опуштање во редовите на полскиот шампион беше шанса за составот на Порто да се врати на само три гола негатива, 27:30, на петнаесетина минути пред крајoт.

Со неколку ротации во нападите, Келце беше незадржлив на теренот. Во последните десет минути, полскиот шампион рутински ја одржуваше стекнатата предност и заслужено дојде до нови бодови на свое конто. Македонскиот голман Никола Митревски доби шанса во второто полувреме и забележа две интервенции.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Келце, Сигвалди Бјорн Гудјонсон со девет гола. Двајцата поранешни вардарци, Игор Карачиќ и Алекс Душебаев постигнаа четири, односно пет гола во дресот на Келце.

Во следното коло екипата на Келце ќе ги одмери силите на домашен терен со ПСЖ. Митревски и колегите во 6. коло на свој терен ќе имаат голем предизвик против еден од фаворитите за освојување на титулата, Барселона.