Квалификациите за СП ќе се играат на Гренланд!

Гренланд ќе биде домаќин на квалификациите за Светското првенство 2023 за земјите од Северна Америка и Карибите во женска конкуренција.

Ракометниот сојуз на Гренланд објави дека апликацијата за домаќин е веќе прифатена. Квалификациските натпревари за пласман на СП 2023 ќе се одржат во периодот од 4 до 11 јуни.

Домаќин ќе биде престолнината на Гренланд, Нук. Сите членки на Северна Америка и Карибите се поканети да учествуваат на турнирот, но многу е веројатно дека иако има 21 покана, на турнирот ќе учествуваат најмногу осум репрезентации.

Освен Гренланд, сигурно учесници се и репрезентациите на Куба, САД и Порто Рико…На минатите квалификации, на кои САД беше домаќин, место на Мундијалот 2021 обезбеди репрезентацијата на Порто Рико, откако во финалето славеше против Гренланд со 34:24.

Светското првенство 2023 во женска конкуренција ќе се одржи во периодот од 30 ноември до 17 декември. Домаќините на Мундијалот ќе бидат Данска, Норвешка и Шведска, а Македонија во априлскиот бараж за ривал ја има селекцијата на Украина.