Кастратовиќ: Металург ќе има што да каже оваа сезона

Тимот на Металург го формираше ростерот за следната сезона со ангажманот на средниот бек Марко Тарабокија.

Подготовките се одложени за една седмица, а тренерот Зоран Кастратовиќ на 27 јули ќе ги собере ракометарите и ќе ги подготвува за предизвиците во Лигата на Европа и во македонските конкуренции.

„Со ангажманот на Тарабокија го комплетиравме тимот за претстојната сезона. Тој е искусен и квалитетен играч, токму тоа што недостигаше за комплетирање на нашата бековска линија во која ги имаме Рниќ лево и Потиќ десно. Верувам дека со нивното богато интернационално искуството и со квалитетот со кој располагаат, сезонава ќе имаме што да кажеме и покажеме во домашното првенство и на европската сцена“, вели Кастратовиќ.

Тимот од Автокоманда ќе се подготвува во Скопје и Маврово, а потоа би требало да настапи на Струшкиот турнир од 12 до 16 август.