Карабатиќ со херојски потег – против Кил играше со катетер и со болки поради камен во бубрегот!

Репрезентативецот на Франција и ракометар на ПСЖ, Лука Карабатиќ пред реванш натпреварот против Кил во рамките од Лигата на шампионите се пожали дека имал болки во половината.

Тие биле предизвикани од камен во бубрегот што му бил откриен неодамна, а кога отишол на лекар во вторникот, му било потврдено дека има и втор камен.

За францускиот „Л’екип“, Карабатиќ зборуваше за бурниот ден, кој, на негова среќа заврши со позитивен исход.

„Јас сум горд и среќен што се пласиравме на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите. Имав прилично тежок ден. Ноќта од понеделникот кон вторникот, околу 4 часот наутро, започнаа болките во грбот. Пред една година ми беше дијагностициран камен во бубрегот Тогаш лекарите ми рекоа дека има и втор. Веднаш тргнав на клиника. Лекарите предложија неколку решенија. Можев да играм под дејство на лекови, но каменот во бубрегот е навистина пекол. Подобро беше да се стави катетер под општа анестезија”, изјави Карабатиќ.

Тој истакна дека ПСЖ не беше фаворит во натпреварот против Кил, но поддршката од трибините и добрата игра биле причина за првиот направен чекор кон освојување на шампионската титула во најквалитетното европско натпреварување.

„При крајот од играта, почнуваше да станува навистина тешко. Но, кога имате поддршка од трибините, тоа ви дава крилја. На трибините имаше само 800 фанови, но чувствувавме како да играме во сала со 3000 фанови. Против Кил, актуелниот европски шампион, ние не бевме фаворити. Но, знаевме како да дојдеме до победа и си обезбедивме шанса уште еднаш да играме на фајнл-фор турнирот”, заврши Карабатиќ.

Во реваншот од четврт-финалето на ЛШ, ПСЖ беше убедлив против Кил со 34:28, а Лука Карабатиќ во статистиката запиша и еден гол.