„Играчите се прават во клубовите, а се промовираат преку репрезентацијата“

Александар Јовиќ е меѓу првите наши стратези со Мастер коуч лиценца, кој имал и селекторски ангажман со машката пионерска и кадетска репрезентација, односно истата онаа генерација која потоа на СП во Алжир 2017 година го постигна најголемиот успех – шестото место.

Тоа беше екипа, која функционираше како клуб – репрезентација, со оглед на тоа дека Јовиќ ги водеше од Академијата на Металург, преку Металург Јуниор, па се до првиот тим. Токму ова му дава за право да коментира за тоа како се поставени во македонскиот ракомет при процесот на созревање на играчите.

„Играчите не се прават во репрезентација, тие се прават во клубови и ние, сите клубови, мора да имаме добра комуникација со селекторот и селекторите на помладите категории, да бидеме координирани и да си помогнеме првенствено на себе си, па на селекторот, и на цела репрезентација и на тие играчи. Мора да постои комуникација, тие играчи се цела сезона кај нас, додека во репрезентација се една недела или ако има некое првенство максимум месец дена. Поради тоа мора да ја има таа соработка. Добар систем во комуникација на тренери. Имаме многу тренери, но немаме квалитетен стручен кадар и немаме систем како треба да се работи од – до… со почетници, кадети, пионери, младинци. Да се знае точно процесот кој мора да се мине и да знае сè, за кога од младинска ќе влезе во сениорска екипа ракометарот да биде готов производ. Факт е дека сите тренери се трудат и се образуваат, но тоа останува само на хартија, не се применува на терен. Според мене потребно е да се направи еден национален систем, да се соберат повеќето тренери да се направи семинар со видео материјали, со пренесување на искуство (од членовите на стручниот штаб на националниот тим) и да се дефинира што и како треба да се работи. Во склоп на тренерска организација не сме дојдени до тоа ниво и сите тренери работат на своја рака, а тоа не е добро. Потребно е тоа да се унифицира тренерската визија за развојот и на машкиот и на женскиот ракомет. Поентата ми е дека база и основа на создавање на играчи се клубовите, а преку репрезентација се претставува она најдоброто кое го имаме.“

Во продолжение прочитајте го целосното интервју со Јовиќ…

ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ: За создавање млади играчи треба систем и трпение, кои ние ги немаме