Зорман по елиминацијата од Србија – На крајот пресудија судиите

Словенија доживеа нов „ракометен удар“ со елиминацијата во квалификациите за СП, откако загубија двапати во дуелите со Србија. И на реваншот во Србија, победија „орлите“ само со 23-20 заверувајќи го пласманот на Мундијалот. На првиот дуел во Словенија, триумфираа Србите со 34-31.

Селекторот на Словенија, Урош Зорман изјави дека нема што да им замери на неговите момци после неуспехот да се пласираат на СП во двомечот со Србија, но додаде и дека е незадоволен од судењето.

Делители на правдата во вчерашниот реванш беа Македонците, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, а Зорман смета дека тие донеле одлука која можеби била и одлучувачка.

„Немам што да им замерам на моите момци. Дадоа се од себе, до последниот атом на силата, се бореа како лавови во одбраната, сепак во нападот потрошивме топки од добри позиции и правевме технички грешки. Имавме наши шанси, но на крајот беше донесена и една судиска одлука која може да биде одлучувачка и да промени многу во ракометот“, изјави Зорман по naтпреварот.

Зорман веројатно алудира на одлуката при резултат 17:19 за Словенија во еден напад топката да се додели на Србија. Одбиената топка од голманот заврши со противничкиот играч кој беше паднат во шесте метри, но судиите му ја доделија топката на домаќинот. Словенците претходно се жалеа и на еден досуден седмерец на македонските судии.