Златко Хорват: Не дојдовме во Металург без врска, сакаме битка за титула (ВИДЕО)

Металург е сериозен во намерите да биде фактор на одлучување во македонскиот ракомет. По две сезони отсуство од СЕХА лигата и ЕХФ лигата на шампионите тимот од Автокоманда повлече неколку значајни потези околу засилувањата во тимот со кои најави дека „сините“ повторно ќе бидат тим за респект. Едно од изненадувањата пред сезоната беше ангажманот на Златко Хорват.

Поранешниот капитен на екипата на ППД Загреб, Златко Хорват во новата сезона ќе биде најисусниот ракометар, кој Зоран Кастратовиќ ќе го има во редовите на Металург. Играњето во Скопје ќе му биде прво интернационално искуство откако повеќе од 1,5 деценија го носеше дресот на ППД Загреб.

Дали ова ќе биде играчот кој ќе може своето шампионско искуство да го пренесе и на другите колеги ќе се види во следните месеци, но јасно е дека Хорват ќе има што да покаже. Тој ќе биде лидерот на теренот и играч кој ќе може да направи разлика бидејќи се работи за ракометар кој е еден од најсигурните изведувачи на удари од седум метри.

За неговото доаѓање во Металург вели дека не било без цел туку дека е тука за да успеат да направат големи резултати.

„Не дојдовме овде без врска, за да бидеме трети или помалку. Целта ни е да бидеме меѓу првите два тима во првенството на Македонија и да им ги расипеме сметките на Вардар и на Еурофарм Пелистер. Секако и да се обидеме да дојдеме до шанса за да го освоиме првенството. Прво за кое ќе размислуваме е за нас и нашите можности за тоа што можеме да направиме на теренот. Да ги сокриеме нашите недостатоци низ некој период и во моментов имаме фокус на нешто друго, но ние тука дефинитивно не дојдовме без врска“, коментираше Хорват во интервју за 24 Ракомет ТВ.

Комплетното интервју со Златко Хорват можете да го погледнете во продолжение.