„Зебрите“ нема да ја бранат титулата, Раул и ПСЖ се првите патници во Келн!

Ракометарите на ПСЖ го совладаа составот на Кил со 34:28  во реванш дуелот од четвртфиналето во Лигата на шампионите и успеаја да ја надоместат негативата од првиот натпевар во Кил кога загубија 29:31.

Со овој триумф францускиот претставник обезбеди пласман на завршниот турнир во Келн. ПСЖ добро го започна натрпеварот и уште во раната фаза имаше предност од три гола кога во 9. минута Нахи погоди за 6:3. Возврати Кил со два гола и во продолжението се играше гол за гол.

Од 11. минута па се до крајот на првото полувреме момците на Раул Гонзалес постојано имаа еден или два гола позитива. Така беше и на полувремето кога домашнито тим замина со минимална предност од 16:15.

На почетокот на вториот дел Кил успеа да израмни после долго време на 17:17. Многу брзо ПСЖ го врати водството и натпреварот продолжи во ист ритам како првиот дел сè до 45. минута кога започна нивната серија од три гола за 27:23. Веќе во 51. минуа ПСЖ водеше 31:25 со што беа на чекор до голем триумф.

До крај на дуелот францускиот тим не дозволи да испушти огромна преност и да го доведе во прашање пласманот на фајнал-форот. Најефикасен во тимот на ПСЖ беше Елохим Пранди со девет гола, а Ремили постигна седум. За Кил најпрецизни со по седум гола беа Екберг и Сагосен.