Зебрите беа сериозна закана, но Барса ги зема бодовите

Во реприза од минатонеделниот дерби дуел, Барса овојпат пред домашна публика во Блауграна, го совлада германскиот вицепрвак Кил со 26-24 (13-13). Во далеку понеизвесен дуел за разлика од оној во Германија, Барса успеа да ја зацврсти првата позиција на табелата во група Б пред полскиот првак Киелце.

Будеслигашот ја разбра минатонеделната лекција, па тренерот Јиха го започна дуелот со Ландин меѓу стативите, што оваа сезона е навистина ретко во Лигата на шампионите. Токму данскиот чувар на мрежата беше клучната фигура во воведните минути, а промашените удари на домаќините од Барселона, го зголемуваа контото на погодоци на спротивната страна. Брзото темпо и кратките но екслозивни акции се карактеристика за германскиот ракометен стил, а токму во воведните минути тоа можевме да го видиме и на теренот во Блауграна.

„Зебрите“ имаа два погодока предност, но разликата се стопи кога ракометарите на шпанскиот гигант ги наместија нишаните. Во поголем дел од првото полувреме резултатот беше изедначен, Кил имаше иницијатива, предност и шанси за зголемување на водството, но Барса не дозволи противникот да се одлепи и постојано го следеше во чекор. Затоа и конечниот резултат од 13-13 најдобро ја отсликува играта во првиот дел од натпреварот.

Воведот на вториот дел понуди нови возбудувања, Ландин одбрани, се реваншираше Де Варгас, но во обидот да се постигне гол Барса згреши на двапати па затоа по првите пет минути од полувремето Кил имаше предност од 15-13. Во тој период Кил играше со седум ракометари во напад, а без голман продолжи и од 38. минута кога Оверби заработи исклучување.

Кога се комплетираше гостинскиот тим, Барса повторно го изедначи резултатот, но Кил ја сочува иницијативата и минималната предност, благодарение на расположениот Ландин. Во 45. минута Сагосен се врати на терените во Лигата на шампионите по тешката повреда и го постигна својот прв гол (18-20 45′).

Иако Германците во 43. минута имаа највисока предност од „плус три“ 19-16, разликата бргу се стопи, Дика Мем го израмни резултатот на 20-20 во 46. минута, што предизвика реакција од клупата на „зебрите“ за нов тајм-аут, прв во второто полувреме. За разлика од дуелот во Кил, тренерот на Барса, Ортега, својата доверба во вториот дел му ја даде на Домен Макуц пред Лука Циндриќ на централната бековска позиција и токму тој беше ракометарот кој донесе свежина во шпанскиот напад, која левиот бек на домашниот тим, бразилецот Лангаро ја искористи за прво водство на домаќинот на истекот на 50. минута за 22-21.

Кил благодарение на голманот Ландин и исклучувањето на Јанц бргу ја врати предноста (23-22), но минута подоцна Пекелер според сестрите Бонавентура стартуваше прегрубо и заработи суспензија која им озовможи на домаќините враќање на предноста, зголемување на разликата (25-23) па дури и три напади за „плус три“.

Последните три минути Кил ги играше комплетен, но избрзаните удари и несвојствени промашувања на бековската линија во финишот ги чинеа пораз гостите на овој дуел. Тренерот Ортега го побара последниот тајм-аут во 58 минута кога Барса имаше два гола предност, младиот Макуц во стил на искусен ракометар создаде можност судиите од Франција да му дадат директен црвен картон на Винчек, но ниту тоа не им овозможи мирна завршица на домаќините.

Кил со играч помалку од брз контра напад постигна гол и ја намали негативата на достижна минимална резлика. Последната минута ја одбележа среќниот погодок на Нгесан кој значеше победа за домашниот тим, во трка со времето, Дамке погоди во блокот на Барса и прославата можеше да започне. Шпанците слават нова победа во Лигата на шампионите со конечен резултат 26-24.

Најпрецизен на теренот беше Домен Макуц со 6 голови, а го следеше Мем со 4 за Барса. Кај Кил Егберг постигна 5 од линијата за седум метри, Раинкид и Билик постигнаа по 4.