ЕХФ има шест фаворити за титулата на ЕП, Данска е пред сите

Репрезентацијата на Данска и пред овој шампионат важи како еден од фаворитите за освојување на златниот медал на Европското првенство. Има силен состав како и на неколку претходни натпреварувања така што за очекување е и на ова првенство да биде сè во знакот на овој состав.

Тука се уште неколку репрезентации кои се сметаат како фаворити за титулата, а меѓу шестте состави се селекции кои успеале и досега да бидат во врвот односно во полуфиналињата на големите натпреварувања.

Според ЕХФ, Германија, Норвешка, Шпанија, Шведска, Франција и Данска се шестте земји од кои ќе се бара носителот на златниот медал.

6.ГЕРМАНИЈА

Оваа селекција триумфираше на Европското првенство пред четири години, но пред две години репрезентацијата на Германија беше елиминирана во главната рунда.

Амбициите и сега се високи особено откако минатиот јануари на Мундијалот беше освоено 4. место.

Селекторот Кристијан Прокоп предизвика многу коментари кај ракометните фанови во Германија поради составот со кој ќе се игра со оглед на тоа што дури тројца од десните бекови се повредени.

5.НОРВЕШКА

Во 2008 година кога беа домаќини на Европското првенство, Норвежаните не успеаја да освојат медал. Практично тие никогаш и не биле на подиумот на шампионатите на стариот континент. Норвешка ќе игра во Трондхајм, а потоа ќе треба во втората рунда да се пресели во Малме така што нема да биде воопшто лесно.

Има проблеми и кај Норвежаните. Капитенот Бјарте Мирхол е повреден, а исто така и десниот бек Кент Робин Тонесен така што ќе биде многу тешко иако најдобриот играч Сандер Сагосен е тука и ќе биде лидер на теренот.

4.ШПАНИЈА

Бранителот на титулата од пред две години и на шампионатот во Хрватска не дојде како еден од најголемите фаворити за победа. Сепак, успеаја да се изборат и да дојдат до златниот медал.

Ги нема Арпад Штербик и Давид Балагер, но тука има многу искусни ракометари како ветераните Раул Ентрериос и Хулен Агинагалде. Покрај тоа тука се и двајцата играчи од ол-стар тимот пред две години, Феран Соле и Алекс Душебаев.

3.ШВЕДСКА

Ако успее да се пласира во финалето репрезентацијата на Шведска ќе игра дури осум меча на домашен терен и тоа во Гетеборг, Малме и Стокхолм.

Пред две години во Хрватска, Швеѓаните беа изненадување. Стигнаа до финалето и имаа добра игра во првото полувреме против Шпанија. Сепак, во вториот дел работите не беа најдобри за Шведска, па тоа отвори простор за „фуријата“.

На ова првенство во тимот одново имаат искусни играчи. Голманите Паличка и Апелгрен се веќе со огромно искуство зад себе, а тука се и Готфирдсон, Лагергрен, Нилсон… играчи кои во секој момент можат да донесат предност на теренот.

2.ФРАНЦИЈА

За триколорите не треба многу да се зборува. Јасно е дека селекторот Дидие Динар донесе одржување на континуитетот. Имаат победувано на сите натпреварувања, а сега на ова првенство ќе има тешка задача со оглед на силната конкуренција во групите Д, Е и Ф.

Кентин Мае ќе недостига многу во играта на Французите бидејќи се работи за важен ракометар во тимот. Франција играше во полуфиналињата на последните две големи натпреварувања, а победи во Златната лига во октомври.

1.ДАНСКА

Селекторот Николај Јакобсен на располагање одново има силна селекција. Хансен, браќата Ландин, Тофт Хансен, Лауге… се играчи кои може да донесат голема предност на теренот.

Хансен веќе има над 1000 голови во дресот на репрезентацијата и јасно е дека сè ќе оди преку него на ова првенство. Ќе недостига Ласе Сван кој не е подготвен за 100 проценти на теренот.

Со оглед на тоа што играат во Шведска за очекување е Данците да имаат добра поддршка за време на првенството.